Претседателот на Камерун, Пол Бијa, кој има 92 години, објави дека повторно ќе се кандидира на претседателските избори закажани за 12 октомври 2025 година. Веста беше објавена преку неговиот профил на социјалната мрежа X (поранешен Твитер).
„Кандидат сум на претседателските избори на 12 октомври 2025 година. Бидете уверени дека мојата решеност да ви служам се совпаѓа со итноста на предизвиците со кои се соочуваме“, се наведува во објавата.
Бија е на власт од 1982 година, кога го наследи претходниот претседател Ахмаду Ахиджо. Тој е најстариот активен шеф на држава во светот. Неговата здравствена состојба со години е предмет на шпекулации, особено поради неговото ретко појавување во јавноста и честото пренесување на обврските на шефот на кабинетот.
Минатиот октомври, Бијa се врати во Камерун по 42-дневно отсуство што предизвика шпекулации за сериозни здравствени проблеми. Владата тогаш тврдеше дека тој е во добра состојба, но истовремено ја забрани секоја јавна дебата за неговото здравје, нарекувајќи го тоа прашање од национална безбедност.
Во 2008 година, Бијa ги укина уставните ограничувања за бројот на претседателски мандати, што му овозможи неограничени кандидатури. На последните избори во 2018 година, тој освои 71,28% од гласовите, иако опозициските партии изнесоа бројни обвинувања за изборни нерегуларности.
Камерун, земја богата со нафта и какао, од независноста во 60-тите години имала само двајца претседатели. Политичките аналитичари предупредуваат дека земјата може да се соочи со сериозна криза на наследство доколку Бијa поради здравствени причини не може да ја продолжи функцијата или ненадејно почине.






