Започна изградбата на гасоводниот интерконектор со Грција: Проект од 60 милиони евра што ќе ја засили енергетската стабилност

Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави официјален почеток на изградбата на гасоводниот интерконектор меѓу Северна Македонија и Грција – стратешки проект вреден околу 60 милиони евра, кој, според него, ќе ја зајакне енергетската безбедност и регионалната поврзаност на државата.

Интерконекторот ќе опфати изградба на 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевковод со дијаметар од 700 милиметри и почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно – со можност за проширување до 3 милијарди.

„Ова не е само инвестиција во цевки и бетон, туку стратешки влог во енергетската иднина на државата“, рече Мицкоски. Тој истакна дека реализацијата на проектот ќе овозможи стабилно снабдување со природен гас за индустријата и домаќинствата, пониски цени за граѓаните и поголема конкурентност за компаниите.

Проектот се реализира со поддршка од Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Европската Унија.

„Иако оваа идеја постои долго време, сега конечно започнува реализацијата. Работиме, градиме и создаваме – не со зборови, туку со дела“, рече Мицкоски, додавајќи дека земјата се позиционира како „значајна енергетска крстосница“ во регионот преку поврзување со гасоводните системи на соседните држави.

Премиерот најави и натамошни инфраструктурни инвестиции – нови патишта, индустриски зони, болници и училишта – во рамки на поширока визија за економски раст и стабилност.

„Ова е само почеток на нова енергетска архитектура за Македонија“, порача тој.







