Бројот на загинати во катастрофалните поплави што го зафатија централниот дел на американската сојузна држава Тексас во текот на изминатиот викенд се искачи на најмалку 82 лица, од кои 28 се деца, соопштија локалните власти. Спасувачките тимови и понатаму под тешки услови трагаат по лицата кои сè уште се водат како исчезнати.
Меѓу нив се и 10 девојчиња и еден водач од христијанскиот летен камп „Мистик“, кој беше директно погоден од надојдените води.
Според најновите податоци, во округот Кер, каде што се наоѓа и кампот, бројот на загинати се искачи на 68, потврди локалниот шериф Лери Лејта за Си-Ен-Ен. Шест смртни случаи се пријавени во округот Травис, три во Барнет, два во Кендал, и по еден во округот Вилијамсон и Том Грин.
На социјалните мрежи кружат вознемирувачки снимки кои ја прикажуваат брзината со која водата го поплавила подрачјето. Спасувачите се соочуваат со исклучително тешки услови – превртени автомобили, паднати дрвја и густа кал полна со крш.
Меѓу потврдените жртви се и осумгодишно девојче од Маунтин Брук, Алабама, која престојувала во кампот „Мистик“, како и директорот на друг блиски камп.
Заменик-гувернерот на Тексас, Ден Патрик, изјави за Фокс њуз дека се очекува бројот на загинати да продолжи да расте. Гувернерот на Тексас, Грег Абoт, предупреди дека постои ризик од нови поплави, бидејќи метеоролозите најавуваат нови обилни врнежи.
Жителите на местото Хант, во округот Кер, се повикани да се евакуираат и да се преместат на повисоки подрачја. Абoт нареди спасувачките служби да продолжат со потрагата, третирајќи го секој исчезнат како потенцијално жив.
Поради големината на катастрофата, во петокот беше прогласена вонредна состојба. Обилните врнежи, кои во некои области достигнаа рекордни количини за само неколку часа, предизвикаа нагло надоаѓање на реката Гвадалупе, што доведе до разорни поплави низ централниот Тексас.







