Бугарската влада одобри 1,3 милиони евра за реализација на Програмата за поддршка на бугарските заедници во Албанија, Македонија, Србија, Косово, Украина и Молдавија за 2025 година. Паралелно, во тек е судски спор меѓу бугарската фондација „Македонија“ и Васил Стерјовски, претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствената македонска партија во Албанија.
Фондацијата тврди дека се финансира од донации, додека Стерјовски претходно изјави дека бугарската држава активно се вмешала во пописот на населението во Албанија, што доведе до поднесување тужба против него.
Во одговор на пратеничко прашање, бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев најави нова програма за периодот 2025–2029 година, со зголемени буџетски средства за поддршка на бугарските заедници.
„Континуираните неприфатливи политики на кршење на правата на граѓаните со бугарски идентитет во Македонија ја потврдуваат постојната објективна потреба од финансиски обезбеден механизам за правна заштита и процесно застапување во случаи на политички мотивирани кривични гонења, манифестации на дискриминација, говор на омраза и злосторства од омраза врз антибугарска основа“, изјави Георгиев, повикувајќи се на случајот против Љупчо Ѓоргиевски, поранешен претседател на распуштениот клуб „Иван Михајлов“ во Битола.
Тој додаде:
„Бугарската држава на највисоко институционално ниво е доследна во поддршката на Георгиевски. Министерството за надворешни работи внимателно го следи развојот на судскиот процес против него уште од неговото основање, пред повеќе од две години.“
Во Основниот суд во Корча, Албанија, се води посебен процес покренат од фондацијата „Бугарска меморија“, која тужи дека МАЕИ со официјален допис до албанските власти и меѓународни институции ја наклеветила фондацијата – обвинувајќи ја за корупција, обиди за асимилација на Македонците, издавање лажни потврди и влијание врз пописот на населението.
Фондацијата бара отштета од 10.000 евра и јавно извинување, тврдејќи дека е добротворна организација без политички цели. Одбраната, пак, тврди спротивното.
„Фондацијата, иако се претставува како добротворна, всушност е инструмент на бугарската држава за асимилација на македонското малцинство во Албанија“, изјави Стерјовски пред судот. „Сите активности на фондацијата се реализираат во тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана“, додаде тој.






