Американскиот претседател Доналд Трамп на 4 јули, по повод Денот на независноста, официјално го потпиша новиот закон за даноци и трошоци, наречен од неговите поддржувачи „Еден голем прекрасен закон“. Церемонијата се одржа на отворено, симболично одбележувајќи ја неговата голема политичка победа.
Законот претставува еден од клучните приоритети на Трамп, бидејќи обезбедува трајно продолжување на даночните олеснувања воведени за време на неговиот прв мандат. Финансирањето на овие олеснувања, според усвоениот текст, ќе се обезбеди преку намалување на социјалните бенефиции – дел што предизвика остра реакција кај демократите.
И покрај поддршката што ја доби од мнозинството републиканци во Конгресот и Сенатот, законот не помина без внатрешна критика. Дел од републиканските сенатори изразија загриженост дека мерките не се доволно амбициозни во ограничувањето на буџетските трошоци и може дополнително да го зголемат дефицитот.
Новиот законски пакет предвидува зголемени инвестиции во одбраната и заштитата на границите, но истовремено намалува средства во други владини програми.
Контроверзата дополнително се разгоре поради реакциите на технолошкиот милијардер Илон Маск, кој преку серија објави на социјалните мрежи остро го критикуваше законот и најави можност за формирање трета политичка опција во САД.
Трамп, пак, ги отфрли критиките и остана доследен во поддршката на законот, нарекувајќи го „голема победа за американскиот народ“.







