Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека мора да има одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, истакнувајќи дека Министерството за внатрешни работи ја спровело најголемата истрага во поновата историја, со кривични пријави против десетици лица, меѓу кои и носители на високи јавни функции.
Во годишниот отчет за работата на МВР, Тошковски потсети на тежината на трагедијата, во која загинаа 62 млади лица, а повеќе од 200 беа повредени.
„За жал, изминатата година ни се случи најголемата трагедија во поновата македонска историја, пожарот во ‘Пулс’ во која изгубивме 62 млади животи, а над 200 беа поредени. За разлика од минатото кога по такви трагични настани немало ниту една кривична пријава поднесено од МВР, сега МВР почна најголема истрага досега која резултираше со поднесување на повеќе кривични пријави против десетици сторители, меѓу коишто има и поранешни и актуелни министри, директори, градоначалници, раководители на институции, полициски службеници и други носители на функции. Одговорност мора да има,“ рече Тошковски.
Министерот додаде дека оваа постапка покажува јасна решеност институциите да делуваат и во случаи каде претходно се молчело, и дека правдата мора да важи за сите, без исклучок.






