Министерството за одбрана на Руската Федерација денеска соопшти дека е спроведена нова размена на воени заробеници со Украина, во рамки на договорот што беше постигнат на почетокот на јуни, за време на преговорите во Истанбул.
Иако Москва и Киев досега имаат реализирано неколку вакви размени, спогодбата постигната во Истанбул сè уште не донесе видлив напредок во решавањето на конфликтот што трае од 2022 година.
Од руското Министерство за одбрана информираат дека нова група руски војници се вратила од територија под контрола на украинските сили. Меѓутоа, не беше објавен точниот број на ослободени заробеници.
Размените на затвореници се меѓу ретките области каде што двете страни и понатаму соработуваат, и покрај продолжените борбени дејства и тешките последици од воениот судир.






