Андреј Бадалов, заменик- директор на државната компанија Трансњефт, е пронајден мртов под прозорецот на својот стан на 17-ти кат. Руски медиуми известуваат дека се работи за самоубиство, но неговата смрт предизвикува сомнежи, особено што ова е најмалку дванаесетти случај на мистериозна смрт на високи руски енергетски функционери од почетокот на војната во Украина.
Според досега достапните информации, телото на Бадалов било пронајдено под прозорецот од неговиот стан, додека некои опозициски извори тврдат дека на семејството му оставил проштално писмо, но овие тврдења сè уште не се официјално потврдени.
Бадалов беше тесно поврзан со влијателните структури во рускиот енергетски сектор, а особено беше познат неговиот професионален однос со директорот на Трансњефт, Николај Токарев, поранешен оперативец на КГБ и долгогодишен соработник на претседателот Владимир Путин уште од времето на служба во Источна Германија.
Неговата смрт ја поттикна јавната загриженост и бројни шпекулации, особено поради сличните случаи што претходеле. Бадалов е најмалку дванаесетти висок функционер од рускиот нафтен и гасен сектор кој под сомнителни околности го загубил животот од почетокот на инвазијата на Украина.
Во руската јавност расте загриженоста поради серијата „мистериозни смртни случаи“, кои многумина ги поврзуваат со политички пресметки, тензиите во енергетскиот сектор и внатрешните борби за моќ.






