Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес остро ја отфрли можноста Украина да стане членка на Европската Унија, оценувајќи дека таквата одлука не може да биде донесена без согласност од европските граѓани.
„Тоа нема да се случи“, изјави Орбан, додавајќи дека Европската комисија се однесува како да може да донесува клучни одлуки што ја определуваат судбината на цела Европа – без да го праша народот.
Во изјава пренесена од унгарската новинска агенција MTI, Орбан истакна дека Брисел „намерно ги игнорира резултатите од анкетата ‘Гласот на Унгарија 2025’“, но дека, според него, тие нема да можат да бидат заобиколени.
„Колку и да се обидуваат да бидат лукави, невозможно е Украина да биде примена во ЕУ против волјата на европските народи“, рече Орбан.
Говорејќи и за санкциите на Европската Унија против рускиот енергетски сектор, тој ги обвини европските лидери дека „се подготвени да ја жртвуваат финансиската сигурност на унгарските семејства во име на Украина“.
„Ниту еден разумен човек не би го направил тоа“, изјави Орбан, предупредувајќи дека поради санкциите, цената на електричната енергија ќе порасне 2,5 пати, а на гасот дури 3,5 пати. Тоа, според него, ќе ја принуди владата да го ревидира целиот систем на државна поддршка за домаќинствата.
Осврнувајќи се и на неодамнешната Парада на гордоста во Будимпешта, Орбан изрази изненадување што вакви настани сè уште се одржуваат. „Мислев дека ова прашање е одамна затворено со референдумот во 2022 година“, рече тој.
Според него, Парадата на гордоста претставува „секојдневна закана“ во западноевропските земји, и додаде дека „граѓаните би биле шокирани доколку ги видат учебниците од западноевропските училишта за социјална чувствителност кај децата“.
Орбан заврши со пораката дека Унгарија, благодарение на „волјата на народот“, успешно се одбранила од ваквите влијанија.







