Израел и Русија воделе тајни дипломатски разговори во врска со Иран и Сирија, во периодот по прогласувањето на прекинот на огнот меѓу Тел Авив и Техеран, јави израелскиот јавен сервис KAN, повикувајќи се на неименувани извори.
Според информациите, разговорите се одвивале на високо ниво и биле иницирани откако Русија понудила да посредува меѓу Израел и Иран со цел да се избегне понатамошна ескалација. Првичните контакти започнале околу една недела по официјалниот почеток на примирјето.
Иако во извештајот не се откриваат детали за содржината на разговорите, се наведува дека Израел истовремено води и дипломатски активности со САД, со цел постигнување поширок договор во врска со Иран.
Очекувањата се дека премиерот Бенјамин Нетанјаху ќе го отвори ова прашање на претстојната средба со американскиот претседател Доналд Трамп, закажана за следната недела во Вашингтон. Израел, наводно, се стреми да воспостави стратешки рамковен договор со Иран, сличен на оној што претходно беше постигнат со Либан.
Да потсетиме, на 13 јуни Израел започна воздушни напади врз ирански цели, кои беа запрени на 24 јуни по прогласувањето прекин на огнот од страна на американскиот претседател.
По стапувањето на примирјето во сила, израелски функционери повторно ја активираа иницијативата за проширување на таканаречените Абрахамови договори, кои имаат за цел нормализација на односите со арапските и муслимански земји. Во рамки на тие напори, наводно се водат и прелиминарни преговори со Сирија.






