Најмалку пет лица, вклучително и две деца, се повредени во ноќен руски напад врз станбена зграда во јужниот украински град Одеса, соопштија украинските власти на 3 јули, пренесе Reuters.
Нападот предизвикал сериозни оштетувања на повеќекатна станбена зграда и друга цивилна инфраструктура, информираше гувернерот на регионот, Олег Кипер. „Шест станови се целосно уништени, а уште 36 се делумно оштетени. Повредените деца, седумгодишно момче и деветгодишно девојче, се хоспитализирани поради вдишување чад од согорување“, изјави Кипер на Телеграм.
Останатите тројца повредени се возрасни лица кои добиле медицинска помош на лице место. Од зградата биле евакуирани 50 лица, а пожарот што избувнал по нападот е целосно изгаснат.
Украинската Државна служба за итни ситуации објави фотографии на „Фејсбук“ кои прикажуваат спасувачи како евакуираат деца од запалена зграда во текот на ноќта, додека пожарникари се борат со пламенот.
Русија засега не се огласи за нападот. Двете страни во војната што започна пред повеќе од три години негираат дека намерно ги таргетираат цивилите. Сепак, илјадници цивили, главно Украинци, загинаа во текот на конфликтот.







