Американската администрација на 1 јули укина санкции за неколку руски институции, банки и поединци, меѓу кои и поранешниот шеф на руската република Калмикија и екс-претседател на Светската шаховска федерација, Кирсан Иљумжинов. Тој беше под санкции од 2015 година поради поддршка на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Од списокот на санкции се отстранети и повеќе руски банки, државни претпријатија и компании поврзани со извоз на оружје.
Во исто време, САД ја запреа испораката на клучно оружје за Украина, вклучувајќи системи за воздушна одбрана и ракети, поради преглед на залихите и воените операции на Блискиот Исток. Министерот за одбрана Пит Хегсет информираше дека се паузира испраќањето на десетици ракети „Патриот“, илјадници гранати, системи за повеќекратни ракетни лансирања и друга муниција.
Одлуката доаѓа во критичен момент, по интензивирани воздушни напади врз Украина, а украинските власти предупредуваат дека тоа ќе ја ослаби нивната одбрана и ќе ја охрабри Русија да ја продолжи агресијата. Кремљ ја поздрави оваа одлука, оцени како знак дека крајот на војната е поблиску.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека САД сè уште бараат ракети „Патриот“ што би можеле да им ги испратат на украинските сили, но во моментов оружјето се користи и за поддршка на Израел и воени операции во регионот.
Воените аналитичари предупредуваат дека прекинот на испораките ќе го намали нападниот и одбранбениот капацитет на Украина, што може да доведе до загуби на територија и животи.






