Папата Лав XIV упати силно предупредување за последиците од климатските промени, во момент кога голем дел од Европа се соочува со екстремен топлотен бран. Во писмо упатено до 1,4 милијарда католици ширум светот, тој истакна дека природните катастрофи предизвикани од човековата активност се сѐ почести и посилни.
„Нашата Земја се пустоши во различни делови од светот“, напиша поглаварот на Католичката црква по повод Денот на молитва за зачувување на створеното, кој Црквата го одбележува секоја година. Тој додаде дека освен климатските промени, светот се соочува и со „среднорочни и долгорочни последици од човековата и еколошка деградација предизвикана од вооружени конфликти“.
Во своето обраќање, Папата остро ги осуди неправдата, кршењето на меѓународното право, нееднаквоста и алчноста кои, како што рече, придонесуваат за уништување на шумите, загадување и губење на биолошката разновидност.
Лав XIV, кој стана поглавар на Католичката црква во мај оваа година, изрази загриженост дека светот сѐ уште не ги зема доволно сериозно долгорочните последици од еколошката криза.
Според Ватикан, сѐ уште не е потврдено дали папата ќе учествува на претстојниот светски климатски самит COP30, што треба да се одржи во Бразил на крајот од годината.







