Основниот кривичен суд Скопје е определен како надлежен за постапката за пожарот во дискотеката „Пулс“, соопштија од судот. Обвинителниот акт, доставен преку АКМИС-системот, ќе биде распределен на совет кој ќе го оцени обвинението и ќе го достави до обвинетите. По тоа ќе започне законскиот рок за поднесување приговори.
Предметот, кој е оформен од Основното јавно обвинителство во Кочани, денеска беше префрлен од Основниот суд Кочани во Основниот кривичен суд Скопје, согласно одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија. Во одлуката е утврдено дека скопскиот суд е стварно и месно надлежен за оценка на обвинителниот акт.
Од судот информираат дека по исполнување на сите услови, советот ќе закаже седница за оценка, а странките и јавноста ќе бидат навремено известени.
Врховниот суд ја донесе оваа одлука по предлог на Апелациониот суд Штип, поради недостаток на кривични судии во судовите во Штип и Струмица. При донесувањето на решението се земени предвид кадровските и техничките капацитети, како и сложеноста и јавниот интерес на случајот. Посебно е нагласена потребата од искусни судии кои ќе обезбедат ефикасна и стручна постапка.
Според обвинителниот акт, за пожарот во дискотеката „Пулс“ обвинети се 34 физички и три правни лица, на кои им се става на товар тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се сопственици и управители на локали, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
За 11 лица, меѓу кои и двајца поранешни министри, постапката е запрена поради недостаток на докази.
Пожарот во дискотеката се случи на 16 март годинава и во него загинаа 62 лица, меѓу кои и шест деца, а повеќе од 200 лица беа повредени.






