Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре па сè до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло, со мала до умерена облачност, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Дневните температури ќе надминуваат 30 степени Целзиусови, а на поодделни места се очекуваат и над 40 степени.
Во недела попладне и вечер се очекува локална нестабилност, со пороен дожд и грмежи.
Институтот за јавно здравје упати препораки до повозрасните лица за заштита од топлотниот удар. Апелираат да избегнуваат изложување на сонце и работа на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат лесна, светла и памучна облека, заштитни очила, капа со широк обод и крем со УВ фактор 30+.
Исто така, се советува да се пие повеќе вода од вообичаеното, без чекање да се почувствува жед, а да се избегнуваат алкохолни пијалаци, пијалаци со кофеин и екстремно ладни напитоци. Лицата со препораки од лекар за внес на течности треба да се консултираат со својот доктор.
За време на најтоплите часови, од 11 до 17 часот, се препорачува да се избегнува користење на шпорет, рерна и други уреди кои дополнително ја загреваат просторијата.






