Азербејџанскиот медиум „Минвал“ објави материјали кои наводно докажуваат дека руската војска стои зад соборувањето на патничкиот лет 8243 на „Азербејџан ерлајнс“ во декември 2024 година. Во несреќата животот го загубија 38 лица, а 29 беа повредени. Веста ја пренесе и „Еуроњуз“, истакнувајќи дека автентичноста на информациите сè уште не е независно потврдена.
Според објавеното, „Минвал“ добил анонимно писмо кое содржи наводни сведоштва, аудио-снимки и технички податоци што укажуваат на „проблеми со комуникациската опрема“ во клучниот момент, како и информации за ракетна интервенција од руска страна.
Како клучен доказ се наведува писмена изјава наводно потпишана од рускиот офицер Дмитриј Сергеевич Палаџичук, кој, според тврдењата, делувал по директна наредба од Министерството за одбрана на Русија и ја одобрил употребата на ракета.
Иако извештајот предизвика големо внимание, „Еуроњуз“ напоменува дека не може независно да ја потврди вистинитоста на овие тврдења, а официјална реакција од руските и азербејџанските власти засега нема. Истражувањето за причините за падот на летот 8243 останува отворено.






