Прв телефонски разговор меѓу Макрон и Путин од 2022 година: Повик за примирје во Украина и координација околу Иран
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, во прва директна комуникација меѓу двајцата лидери по септември 2022 година, соопшти Елисејската палата.
Во разговорот, Макрон ја истакнал „непоколебливата поддршка на Франција за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, повикувајќи на „што поскоро воспоставување прекин на огнот и започнување преговори меѓу Украина и Русија, со цел постигнување трајно и стабилно решение на конфликтот“.
Од своја страна, рускиот претседател изразил став дека секој можен мировен договор мора да биде „долгорочен“, притоа нагласувајќи дека, според него, војната во Украина е „директна последица од политиките на западните држави“.
Темата на разговорот се проширила и на прашањето за иранската нуклеарна програма. Како што информира Елисејската палата, двајцата лидери се согласиле да ги координираат своите активности во врска со Иран и најавиле нова рунда разговори во блиска иднина за заедничко следење на ова чувствително прашање.







