Коридорите 8 и 10 се приоритет за македонската Влада, која влезе во голем инвестициски циклус за нивна изградба и модернизација, изјави вицепремиерот Александар Николоски во интервју за реномираната светска телевизија „Франс 24“ за време на неговата работна посета на Франција.
„Имаме уникатна географска позиција – два паневропски коридори се сечат источно од Скопје. Тоа е исклучително важно и за економскиот, и за геостратешкиот интерес на земјава“, истакна Николоски.
Коридорот 10, кој ги поврзува грчките пристаништа со Централна и Северна Европа, веќе има комплетен автопат, а наскоро започнува изградбата на брза железница со брзина до 200 км/ч за патнички и 120 км/ч за товарен транспорт.
Паралелно се инвестира и во Коридор 8, кој ги спојува Јадранското со Црното Море и е прогласен од НАТО за втор по важност воено-стратешки коридор, бидејќи претставува алтернатива за снабдување на Украина.
„До 2029 очекуваме целосно завршување на автопатската мрежа по Коридор 8, а паралелно напредува и железничката инфраструктура. За ваквите големи проекти потребни се меѓународни партнерства – затоа веќе склучивме меѓувладин договор со Обединетото Кралство вреден 6 милијарди евра и сме отворени за слични соработки со Франција и други европски држави“, порача Николоски.






