Ситуацијата на северот на Косово останува чувствителна и покрај моменталниот мир, предупреди претставникот на НАТО, Андреа Бардуани, во интервју за телевизијата „РТВ Дукаѓини“. Тој посочи дека инцидентите во Звечан и кај каналот Ибар-Лепенац се потсетник за потенцијалната нестабилност во регионот.
– Поради тие настани, НАТО донесе одлука да го зголеми присуството на КФОР со повеќе од 1.000 дополнителни војници, што претставува едно од најголемите засилувања на мисијата во последните десет години, изјави Бардуани.
Тој потенцираше дека стабилноста не зависи само од КФОР, туку и од политичката волја за дијалог, додавајќи дека единствениот пат кон траен мир е преку процесот што го води Европската унија. Според него, Косовските безбедносни сили (КБС) можат да дејствуваат на север само со претходна согласност од КФОР, што е обврска која НАТО ја смета за клучна за зачувување на мирот.
Во врска со активностите на српската војска близу границата, Бардуани посочи дека досега не е регистрирано кршење на обврската Србија однапред да го информира КФОР за секое движење.
Тој ја повика и Србија да спроведе темелна истрага за нападите врз војниците на КФОР што се случија во 2023 година, подвлекувајќи дека сторителите сè уште не се изведени пред правдата.






