Маск се закани: Ќе основам нова партија ако Конгресот го изгласа законот
Извршниот директор на платформата „Х“ и милијардер Илон Маск најави дека ќе основа нова политичка партија – „Американска партија“ – доколку Конгресот на САД го усвои предложениот фискален закон на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Во објава на социјалната мрежа „Х“, Маск го нарече законот „луд“ и спротивен на принципите на фискална одговорност, најавувајќи дека партијата ќе биде формирана „веднаш следниот ден“ по евентуалното негово усвојување.
„На Америка ѝ е потребна вистинска алтернатива на постоечкиот двопартиски систем, за народот навистина да добие глас“, напиша Маск.
Тој исто така вети дека финансиски ќе ги поддржи противкандидатите на сите членови на Конгресот кои ќе гласаат за законот, обвинувајќи ги за дволичност.
„Секој кој се залагал за намалување на јавната потрошувачка, а потоа гласал за најголемото зголемување на државниот долг во историјата, треба да се срами – и да ги загуби следните избори“, порача Маск.
Особено ја критикуваше конзервативната „Група за слобода“ во Претставничкиот дом, наведувајќи ги поединечно конгресмените Чип Рој од Тексас и Енди Харис од Мериленд, обвинувајќи ги за „предавство на сопствените принципи“.
Контроверзниот закон, под наслов „Еден голем, убав закон“, предвидува значително зголемување на буџетските трошоци за безбедноста на границите, одбраната и енергетиката, на сметка на средствата за здравствени и социјални програми.
Критичарите, меѓу кои и Маск, предупредуваат дека мерката би можела драстично да го зголеми јавниот долг и да го ограничи финансирањето на обновливите извори на енергија.
Конечното гласање за законот во Сенатот се очекува во наредните денови.






