Украинските сили извршија воздушни напади со беспилотни летала врз териториите под руска контрола во Луганск и Донецк, соопштија и украински и проруски извори.
„Гори руската логистика во привремено окупираниот Луганск“, изјави Андриј Коваленко, раководител на украинскиот Центар за сузбивање на дезинформации. Локални медиуми објавија видеа од запалени објекти, наведувајќи дека се работи за магацински капацитети.
Според Леонид Пасечник, челник на проруската администрација во Луганск, руската противвоздушна одбрана соборила 35 од вкупно 40 дронови. Остатоци од еден од нив погодиле складиште за нафта, при што, според Пасечник, една жена е повредена.
Слични напади се регистрирани и во текот на ноќта во Донецк. Telegram-канали поврзани со проруски извори споделија снимки од оштетени згради и пожари во неколку делови од градот. Според Денис Пушилин, раководител на проруската администрација во Донецк, едно лице загинало, а тројца се повредени.
Украинскиот информативен канал „Супернова+“ тврди дека мета на нападот биле позиции на руската 8-ма комбинирана армија. Украинската војска сè уште официјално не ги коментираше наводите, кои не можат независно да се потврдат.






