Ибрахимовиќ: „Ова не е пораз на Меси, туку на Интер Мајами и на фудбалот“
По убедливиот пораз на Интер Мајами од Пари Сен Жермен на Светското клупско првенство, каде францускиот шампион постигна четири гола уште во првото полувреме, реагираше и легендарниот шведски напаѓач Златан Ибрахимовиќ со остар и сликовит коментар.
Иако Лионел Меси се бореше и покажуваше квалитет, беше очигледно дека не може сам да го носи целиот тим. Според Ибрахимовиќ, вината не треба да се лоцира кај аргентинската фудбалска икона.
„Пораз на Меси? Не, не, не зборувајте за тоа како да е негова вина! Меси не загуби, Интер Мајами загуби! Ја виде ли таа екипа? Меси игра опкружен со статуи, не со соиграчи! Да играше во вистинска екипа – во Париз, во Манчестер, во кој било голем клуб – ќе го гледавме вистинскиот лав“, изјави Ибрахимовиќ за медиумите.
Тој остро ја критикуваше структурата и квалитетот на тимот на Интер Мајами:
„Меси игра само затоа што го сака фудбалот. Сè уште прави работи што 99 отсто од играчите не можат. Но, играчи околу него се движат како да носат вреќи цемент на грбот! Нема тренер, нема ѕвезди, нема играчи што знаат како да се движат без топка. И сега некој ќе го обвинува Меси?“
Ибрахимовиќ ја заокружи изјавата со емотивна нота:
„Кога ќе игра со Роналдо, со Мбапе, со Халанд, со Ибрахимовиќ – тогаш зборувај. Но сега? Не. Ова не е Меси што јас го познавам. Тоа е голем дух што игра во циркус. Но, внимавај – ако му дадеш вистински тим, пак ќе го запали стадионот! Зашто Меси… тој е сè уште Меси. А денес? Ова не е негов пораз, ова е пораз на Интер Мајами и на фудбалот.“







