Активни пожари кај Бешиште и Визбегово – опасност од проширување и скриени експлозиви
Центарот за управување со кризи информира дека пожарот кој избувна на 28 јуни во атарот на селото Бешиште, општина Новаци, и натаму е активен и се шири кон граничниот појас со Грција. Огнот зафатил околу 100 хектари сува трева и мешана шума од бор, даб и букa, а се шири на два фронта: во месноста Уров и во насока кон селото Градешница.
На терен интервенираат екипи од Територијалната противпожарна единица Прилеп и Шумското стопанство „Црн Бор“, но гаснењето е отежнато поради непристапниот терен. Дополнителна закана претставуваат звуци од пукање на муниција, како и сомневања за постоење на неоткопани гранати во реонот.
Во гаснењето се вклучени сите надлежни служби, меѓу кои и локалните самоуправи, полицијата, Дирекцијата за заштита и спасување и шумските стопанства од Прилеп и Битола.
Во Скопје, пак, е ставен под контрола пожарот што избувна на дивата депонија на улицата Визбегово во Шуто Оризари. Според Противпожарната бригада на Град Скопје, огнот сè уште тлее одвнатре, но не претставува непосредна закана.
Надлежните апелираат за зголемена претпазливост и почитување на мерките за заштита од пожари, особено во текот на летниот период.






