Американската војска минатиот викенд не употреби специјализирани пробојни бомби врз еден од најголемите ирански нуклеарни објекти во Исфахан, бидејќи објектот е сместен на толкава длабочина што дури ни тие бомби не би биле ефикасни.
Ова е првпат официјално да се открие причината за избегнувањето на тој тип оружје, а информацијата ја потврдија тројца сведоци на изјавата на генерал Дан Кејн, началник на Здружениот генералштаб на САД, како и четврт извор упатен во содржината, пренесе CNN.
Според американските разузнавачки служби, подземните капацитети во Исфахан кријат дури 60% од залихите на збогатен ураниум на Иран – клучен материјал за евентуална изработка на нуклеарно оружје.
За време на нападите, американските бомбардери Б-2 користеа повеќе од десет специјални пробојни бомби против иранските објекти во Фордо и Натанц. Сепак, објектот во Исфахан беше нападнат исклучиво со крстосувачки ракети „Томахавк“, лансирани од американска подморница.
Според првичната проценка на Разузнавачката агенција при Министерството за одбрана на САД (DIA), нападите не ги уништиле критичните делови од иранската нуклеарна програма – вклучително и залихите на збогатен ураниум. Според анализите, програмата најверојатно е забавена за само неколку месеци.
CNN јавува дека Иран можеби делумно ги преместил залихите на збогатен ураниум од овие локации пред нападите, што дополнително ги отежнало американските напори за нанесување поголема штета.







