Орбан: Ќе има правни последици за учество на Парадата на гордоста во Будимпешта
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска предупреди дека секое организирање или учество на претстојната Парада на гордоста во Будимпешта, закажана за сабота, ќе има правни последици, бидејќи манифестацијата е под полициска забрана.
„Возрасни сме и секој треба самостојно да одлучи како ќе постапи, но сите мора да ги почитуваат правилата. Во спротивно, ќе се соочат со јасно утврдени правни последици“, изјави Орбан за унгарското државно радио, пренесе Ројтерс.
Тој нагласи дека полицијата има право да интервенира и да го прекине настанот, но подвлече дека Унгарија е „цивилизирана држава“ и оттука, задачата на безбедносните служби е пред сè да ги поттикнат граѓаните да го почитуваат законот.
Парадата на гордоста во Будимпешта редовно се одржува секоја година, но во последните неколку години станува сѐ почеста мета на институционални и политички притисоци. Оваа година, властите официјално ја забранија манифестацијата, предизвикувајќи реакции од домашни и меѓународни организации за човекови права.







