Директорот на државната компанија МЕПСО, Бурим Љатифи, јавно упати остри критики на сметка на дваесетгодишното владеење на Демократската унија за интеграција (ДУИ), обвинувајќи ја партијата за серија неуспеси и занемарување на клучни прашања важни за Албанците во Македонија.
Во објава на социјалните мрежи, Љатифи посочува дека Охридскиот рамковен договор не е целосно имплементиран, и покрај тврдењата на ДУИ. Според него, реалноста покажува поинаква слика:
„Албанскиот јазик без вистинско законско решение.
Правичната застапеност со дефекти во имплементација.
Децентрализацијата и зајакнувањето на општините заборавени.
Медресето со лажно решен статус.
Пописот криминализиран.
Универзитетите без автономија, под партиска контрола.
Политички процеси, судења и пресуди за Албанци.
Висок коруптивен степен и богатење на високи функционери“, напиша Љатифи.
На крајот од својата реакција, тој со иронија го критикува ДУИ за постојаното фалење дека Охридскиот договор е реализиран, додека, како што вели, состојбата на терен е сосема поинаква.
„Срамота“, завршува Љатифи, изразувајќи револт кон политиката која, според него, две децении го злоупотребувала довербата на граѓаните.






