Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска на брифинг со новинарите категорично ги отфрли шпекулациите дека во коалицијата Вреди има несогласувања, како и дека тој е во лоши односи со вицепремиерот Изет Меџити или дека размислува за оставка од функцијата.
„Најодговорно тврдам дека во тоа нема вистина. Од она што јас го имам како информација и од мојата комуникација со коалицијата, одлични се релациите и нема никакви проблеми меѓу партнерите. Интензивно се подготвуваат за локалните избори и набрзо ќе излезат со кандидатите“, изјави Гаши.
Тој нагласи дека атмосферата во коалицијата е пријатна, без внатрешна битка за распределба на градоначалнички или советнички кандидатури, и дека сериозно се разгледуваат и независни кандидатури.
Гаши ги оцени шпекулациите како дел од дневната партиска политика во која, како што рече, нема намера да се вклучува. Потврди и дека распределбата на кандидатските позиции сè уште не е финализирана, но увери дека разговорите се водат принципиелно, со фокус на квалитетни кандидати, а не на партиска припадност.
Во однос на прашањето кој ќе биде претседател на коалицијата Вреди, Гаши информираше дека се разгледуваат различни модели – од еден претседател до ротирачко претседателство, и оти одлуката ќе биде донесена или наскоро или по изборите. Тој појасни дека не е дел од новоформираното централно претседателство, но дека коалицијата е целосно фокусирана на престојните локални избори.







