Од космичкиот центар Кенеди на НАСА во Флорида, утрово беше лансирана вселенската мисија Ax-4, во организација на приватната компанија Axiom Space во соработка со SpaceX. На неа за првпат учествуваат астронаути од Индија, Полска и Унгарија, кои ќе престојуваат на Меѓународната вселенска станица (ISS).
Четиричлениот екипаж, меѓу кои и пензионираната американска астронаутка Пеги Витсон, полета со вселенското летало Crew Dragon, монтирано на ракета Falcon 9. Летот започна околу 2:30 часот по локално време, а се очекува леталото автоматски да се спои со ISS по околу 28 часа, на височина од 400 километри над Земјата.
Ако сè оди според планот, екипажот на ISS – составен од три американски астронаути, еден јапонски и три руски космонаути – ќе ги пречека новите членови во четврток наутро.
Освен Витсон (65), која веќе има 675 дена поминати во вселената, дел од мисијата се и Шубханшу Шукла од Индија, Славош Узнански-Вишњевски од Полска и Тибор Капу од Унгарија. Тие ќе останат на станицата 14 дена, каде ќе спроведуваат научни истражувања во услови на микрогравитација.
Ова е четврта комерцијална мисија на Axiom од 2022 година, поддржана од приватни компании и влади од странство. За трите земји – Индија, Полска и Унгарија – ова е прво учество во пилотирана вселенска мисија по повеќе од четири децении и првпат да имаат свои претставници на ISS.
Првичното лансирање беше закажано за вторник, но поради лоши временски услови беше одложено за еден ден.
LIVE: @Axiom_Space‘s #Ax4 mission, with crew from four different countries, is about to launch to the @Space_Station! Liftoff from @NASAKennedy is targeted for 2:31am ET (0631 UTC). https://t.co/yBgO8bxb6Z
— NASA (@NASA) June 25, 2025






