Вицепремиерот Александар Николоски во Париз одржа средба со претставници на 11 од најголемите компании во Франција, каде што ги презентираше инвестициските можности на Македонија и плановите за развој на инфраструктурата. Тој истакна дека земјава има стратешка локација и најконкурентни услови за инвестирање во регионот.

Николоски го претстави амбициозниот план за модернизација на железничката мрежа, со посебен акцент на изградбата на брза пруга по Коридорот 10, што ќе овозможи побрз и поевтин карго транспорт кон Централна Европа. Освен железничката инфраструктура, презентирани беа и проектите за подобрување на патната мрежа на европските коридори и развој на авиосообраќајот.
„Македонија е во силен инвестициски циклус вреден неколку милијарди евра, со што се отвораат големи можности за соработка со француските компании,“ нагласи Николоски.

На состанокот беа разменети искуства со француски претставници за управување и безбедност во железничкиот сообраќај, а вицепремиерот оствари средба и со Магали Сезана од Министерството за економија и финансии на Франција. Двајцата разговараа за унапредување на економската и трговската соработка меѓу двете земји.
Работната посета на Николоски во Франција продолжува и утре со нови средби на високо ниво.







