Иранските државни медиуми денеска објавија дека Техеран ги отфрла обвинувањата од страна на израелските власти дека истрелал ракети кон Израел, по стапувањето во сила на договорениот прекин на огнот.
Реакцијата следи по изјавата на израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, кој го обвини Иран за кршење на примирјето и најави „жесток одговор“ од страна на израелската армија.
Израелските одбранбени сили (IDF) соопштија дека биле истрелани нови проектили од територијата на Иран кон Израел, поради што биле активирани сирените за воздушна опасност во северниот дел на земјата.
Според IDF, одбранбените системи успешно реагирале на заканата, а на граѓаните подоцна им било дозволено да ги напуштат засолништата.
Итната служба „Маген Давид Адом“ информираше дека нема пријавено сериозно повредени, освен еден маж кој се здобил со полесни повреди додека се обидувал да стигне до безбедна зона.






