Израелската влада објави дека ја прифаќа иницијативата за прекин на огнот предложена од претседателот на САД, Доналд Трамп. Во официјалното соопштение се нагласува дека Израел „решително ќе одговори на секое нарушување на примирјето“.
Одлуката за прифаќање на примирјето, како што наведуваат израелските власти, е донесена откако биле исполнети клучните цели на воената операција против Иран. Според нив, е отстранета „двојната и непосредна егзистенцијална закана“ од иранска страна – поврзана со нуклеарното оружје и балистичките проектили.
Дополнително, Израел тврди дека нанел сериозни загуби на иранскиот воен врв, притоа уништувајќи десетици стратешки цели на иранската влада.
Во последниот ден од операцијата, како што се посочува во соопштението, израелските сили жестоко ги погодиле владините позиции во центарот на Техеран, елиминирале стотици припадници на паравоената милиција Басиџ – која режимот во Техеран ја користи за задушување на народните протести – како и уште еден истакнат ирански нуклеарен научник.
„Државата Израел изразува благодарност до претседателот Трамп и САД за поддршката во одбраната и заедничкото делување во елиминацијата на иранската нуклеарна закана“, се наведува во заклучокот на соопштението.






