По повод една година од преземањето на функцијата, премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, се обрати до јавноста со порака дека изминатите 365 дена биле исполнети со предизвици, тешка и посветена работа, но и со силна решителност да се постават темелите на една нова иднина.
„Секој почеток е тежок, но секој нов почеток е уште потежок, затоа што не почнуваш од нула, туку од минус. Од ден на ден, го градевме фундаментот на промени кои ќе донесат ново време за Македонија – време на ред, просперитет и развој,“ изјави Мицкоски.
Тој порача дека не заборавил од каде доаѓа и колкава е одговорноста што ја носи како премиер, истакнувајќи дека секојдневно се води борба за иднината на македонските граѓани.
„Ова е година на темели – темели на една нова држава во која ќе владеат вредностите, човечноста и почитта. Земја со која ќе се гордееме и која ќе работи за секој еден нејзин граѓанин,“ рече Мицкоски.
Под мотото „1 година од новиот почеток, 1 година градење темели, 1 година за тебе“, премиерот порача дека ова е само почетокот на новото време кое допрва доаѓа, и на најдоброто кое, како што рече, сите го заслужуваат.






