Иран вети дека ќе одговори „брзо и остро“ по американските воздушни напади врз неговите нуклеарни објекти, а на државната телевизија беше пренесено предупредување: „Секој американски граѓанин или војник во регионот сега е цел“. Напнатоста расте, а Техеран се заканува дека сите американски бази на Блискиот Исток се во неговиот дострел.
Американските бази веќе биле на мета и претходно, како што беше случајот со базата ал-Асад во Ирак која беше нападната со ирански ракети во 2020 година, откако САД го убија иранскиот генерал Касем Сулејмани. Исто така, во јануари годинава, напад со дрон врз базата Tower 22 во Јордан резултираше со смрт на тројца американски војници и десетици повредени – најтежок напад врз американските сили од падот на Кабул.
Вашингтон Пост објави и список на потенцијално загрозени локации: базите во Ирак, Сирија, Катар, Бахреин, Кувајт, ОАЕ, како и американските амбасади и дипломатски мисии ширум регионот. Пентагон најави распоредување дополнителни сили со цел зајакнување на одбраната.
„Сите американски бази низ регионот ќе се претворат во стрелишта“, порача безбедносниот командант на проиранската милиција Катаиб Хезболах, додавајќи дека имаат „изненадувања“ и за американските авиони.
И покрај заканите, експертите проценуваат дека Иран сѐ уште нема ракети со домет до територијата на САД, а воздушните сили немаат капацитет за директен напад. Главниот ризик останува насочен кон американските интереси на Блискиот Исток.






