Русија остро ги осуди американските воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки, предупредувајќи дека САД се коцкаат со безбедноста на целото човештво. На седница на Советот за безбедност на ОН, рускиот амбасадор Василиј Небензја изјави дека Вашингтон уште еднаш покажал непочитување кон меѓународната заедница.
„САД, за да ги заштитат интересите на Израел, се подготвени да замижат пред убиствата во Газа и да ја загрозат глобалната безбедност“, рече Небензја. „Со овие постапки, ја отворија Пандорината кутија – никој не знае какви последици ќе следат.“
На 21 јуни, претседателот Доналд Трамп нареди воздушни напади врз три ирански нуклеарни објекти, меѓу кои и Фордо – фабрика за збогатување ураниум сместена длабоко под земја. Со тоа, САД директно се вмешаа во конфликтот меѓу Израел и Иран, што ја зголеми опасноста од регионална ескалација, јавува „Њузвик“.
Американските власти тврдат дека нападите биле „прецизни и ограничени“ и дека целта била спречување на развој на нуклеарно оружје. Техеран, пак, инсистира дека нема таква намера и оти објектите се за мирољубиви цели.
Иран вети силен одговор, прогласувајќи ги американските цели во регионот за легитимни. Парламентот го поддржа затворањето на Ормускиот теснец – клучна точка за глобалната трговија со нафта – но конечната одлука сè уште ја нема донесено раководството.






