Хамнеи: Израел направи големо злосторство, одмаздата веќе започна
Додека светската јавност ја очекува најавената одмазда на Иран за американските напади врз неговите нуклеарни постројки, врховниот лидер на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, остро ја осуди израелската офанзива од 13 јуни, нарекувајќи ја „големо злосторство што мора да биде казнето – и веќе се казнува“.
На социјалните мрежи Хамнеи објави порака придружена со слика од ракети што паѓаат врз израелски град, зад кои се надвиснува череп со Давидова ѕвезда.
„Ционистичкиот непријател направи голема грешка“, напиша тој.
Иран и Израел продолжуваат со меѓусебни ракетни и воздушни напади, во период кога САД, откако застанаа отворено на страната на Израел, извршија најмасовен воен напад врз Иран од Исламската револуција во 1979 година. Американскиот претседател Доналд Трамп дури ја најави можноста и за промена на режимот во Техеран, предупредувајќи дека „идните напади ќе бидат многу поголеми и многу полесни“ доколку не се постигне мир.
Трамп изјави дека во нападот во саботата се нанесени „монументални штети“ на иранските нуклеарни капацитети, особено на подземната централа Фордоу. Според него, најголемите оштетувања се нанесени длабоко под земја.
Американската војска лансирала 75 прецизни ракети, меѓу кои и бомби за уништување бункери и повеќе од дваесет ракети „Томахавк“, насочени кон три клучни ирански нуклеарни локации, соопшти генерал Ден Кејн од Здружениот штаб.
И покрај повиците за воздржаност од меѓународната заедница, Техеран најави дека ќе продолжи со одбранбените акции, велејќи дека нема да дозволи да биде понижен. Сателитските снимки потврдуваат сериозно оштетување на центрифугите во Фордоу, но точниот обем на уништувањето сè уште не е утврден.






