Ситуацијата на Блискиот Исток продолжува да се заострува, а нови драматични настани ја одбележаа ноќта во Израел. Според најновите информации, дури 52 американски воени авиони биле забележани како се движат кон регионот на источниот Медитеран и Блискиот Исток во текот на изминатата недела.
Британската медиумска куќа BBC, следејќи ги податоците од авијациските радари, објави дека летовите биле регистрирани помеѓу понеделник и четврток, а значителен број од нив, вкупно 25, прелетале преку аеродромот во Ханија на грчкиот остров Крит. Тоа претставува осумкратно зголемување на воздушните активности во споредба со првата половина од јуни.
Сирени во Израел – погодена детска градинка
Израелската армија (IDF) соопшти дека во текот на ноќта биле активирани сирени во повеќе делови од земјата, вклучувајќи ги Тел Авив, централниот регион, Јужен Израел и делови од Западниот Брег. Националната служба за итни случаи, Мaген Давид Адом, потврди дека сирените се огласиле поради истрелани ракети.
Израелски воен претставник изјави дека пет балистички ракети биле лансирани од територијата на Иран, но засега нема потврда за директни удари на израелска територија. Воздушната одбрана веднаш реагирала.
Во еден од нападите билa погоденa и детскa градинка. Иако нема повредени, штетите се сериозни.
„Нападот се случи во петок попладне, кога градинката не работеше. За среќа, ниту едно дете или член на персоналот не е повреден. Но, уништувањето на училниците и игралиштето длабоко ги потресе локалните семејства што се потпираат на овој центар за стабилност, безбедност и грижа за децата“, се вели во соопштението од градинката.
Светот во исчекување на одлуката на Трамп
Во меѓувреме, вниманието е насочено кон американскиот претседател Доналд Трамп, од кого се очекува да донесе одлука во наредните две недели дали САД ќе се вклучат во конфликтот со Иран. Можната американска интервенција дополнително ја зголемува тензијата во веќе разгорениот регион.






