САД распоредија разурнувачи во Средоземното Море – сигнал за можно заострување на ситуацијата
САД распоредија пет воени разурнувачи со способност за пресретнување на балистички ракети во источниот дел на Средоземното Море, потврди висок претставник на американската морнарица за порталот „USNI News“.
Меѓу бродовите кои во моментов активно патролираат во регионот се наоѓаат: USS Arleigh Burke (DDG-51), USS Thomas Hudner (DDG-116) и USS The Sullivans (DDG-68). Кон нив неодамна се приклучија и USS Paul Ignatius (DDG-117) и USS Oscar Austin (DDG-79), кои обично оперираат од американската поморска база во Рота, Шпанија.
Сите овие воени бродови се опремени со Standard Missile 3 (SM-3) системи – проектирани за откривање и пресретнување на балистички проектили. Овие ракети беа употребени во реални борбени услови во март минатата година, кога американските сили првпат пресретнаа ирански проектил.
Покрај присуството во Средоземјето, бродовите USS Forrest Sherman (DDG-98) и USS Truxtun (DDG-103) се активни и во Црвеното Море.
Распоредувањето на овие сили е дел од пошироката американска стратегија позната како „European Phased Adaptive Approach“, чија цел е заштита на европскиот континент од потенцијални ракетни закани од Иран.
Во последните денови, Иран испали неколку ракети кон централните и северните делови на Израел, вклучувајќи ги градовите Хаифа, Тел Авив и Бершева. Според израелски медиуми, во пресретнувањето на најмалку еден од овие проектили учествувале и американски разурнувач, како и THAAD системот за противракетна одбрана распореден на израелска територија.







