Поранешниот ирански преговарач за нуклеарни прашања, Сајед Хосеин Мусавијан, изјави дека Иран досега не планирал да произведе нуклеарна бомба, но дека тековната израелска воена офанзива би можела да го натера режимот во Техеран да го промени својот курс.
Во интервју за CNN, Мусавијан истакна дека Иран досега се придржувал до принципите на транспарентност во својот нуклеарен програм и бил отворен за инспекции од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија на Обединетите нации. Сепак, според него, повлекувањето на САД од нуклеарниот договор во 2015 година испратило опасна порака до иранското раководство.
„Оваа нарација им вели на Иранците: Дури и ако сте целосно транспарентни и ги расчистите сите нуклеарни нејаснотии, САД и Израел ќе ве нападнат за да предизвикаат промена на режимот“, предупреди Мусавијан.
„Затоa, што ви преостанува освен нуклеарното одвраќање – нуклеарна бомба? Практично, тоа е пораката што САД и Израел им ја испраќаат на Иранците: набавете бомба како единствена гаранција за одбрана. И верувам дека, ако продолжи ваквиот притисок, Иран на крај ќе се одлучи за нуклеарно оружје“, додаде тој.
Мусавијан предупреди дека евентуална војна против Иран нема да го сопре неговиот нуклеарен развој бидејќи, како што рече, „знаењето не може да се уништи“.
„Најдобро би било да се вратиме на дипломатијата, а не да се продолжи со воена конфронтација“, заклучи тој.







