Напнатоста на Блискиот Исток расте – Израел и Иран продолжуваат со жестоки напади, додека меѓународната заедница стравува од поширока ескалација.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, изјави дека земјата е решена да ја уништи иранската нуклеарна програма:
„Го менуваме лицето на светот. Ќе ги постигнеме нашите цели – со или без поддршка од САД.“
Иран, пак, возврати со нов масовен напад врз Бершеба, додека израелските сили нападнаа цели во северозападен Иран. Техеран се закани и со блокирање на Ормускиот Теснец – стратешки важна точка низ која поминува околу 20% од дневната светска потрошувачка на нафта.
Американскиот претседател Доналд Трамп разгледува опција за директно вклучување во конфликтот, но засега дава приоритет на дипломатијата.
„Одлуката ќе ја донесам во следните две недели“, пренесе неговата портпаролка Каролин Ливит.
Русија предупреди дека евентуална воена интервенција од САД би имала сериозни и непредвидливи последици. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, изјави дека Иран е подготвен за преговори, но само ако Израел ги прекине нападите.
Паралелно, во Женева се водат прелиминарни нуклеарни разговори помеѓу Иран и европските сили. Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро потврди дека ЕУ е подготвена за продолжување на дијалогот, под услов да се постигне прекин на огнот и реални чекори од Иран за ограничување на нуклеарната и балистичката програма.






