Јеменското вооружено сепаратистичко движење Ансар Алах, познато како Хути, најави дека е подготвено воено да интервенира во поддршка на Иран во конфликтот со Израел. Изјавата ја пренесе „Ал Џезира“, повикувајќи се на портпаролот на групата, Мохамед ел-Бухаити.
– Ќе интервенираме за да го поддржиме Техеран против ционистичката агресија, исто како што ги поддржуваме нашите браќа во Газа – изјави Ел-Бухаити, додавајќи дека Хутите ќе притекнат во помош на секоја арапска или муслиманска држава која ќе биде нападната.
Движењето веќе спроведува воени акции против Израел со цел да изврши притисок за запирање на офанзивата во Појасот Газа, но сега најавува директна интервенција како одговор на ескалацијата меѓу Израел и Иран.
Денеска иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, го осуди израелскиот напад врз територијата на Иран, нарекувајќи го „тешка грешка и злосторство“, при што вети дополнителни одмазднички мерки кон Тел Авив.
Израелската офанзива врз иранските цели беше осудена од Русија, Кина и низа земји од светот. Руското Министерство за надворешни работи ги оцени нападите како „неиспровоцирани“ и „апсолутно неприфатливи“, додека претседателот Владимир Путин понуди посредување меѓу двете страни со цел спречување на натамошна ескалација.
Во соопштение од руското МНР се наведува дека нападите на Израел врз ирански нуклеарни постројки од мирен карактер се незаконски и претставуваат закана од „нуклеарна катастрофа“.
Осуди стигнаа и од Латинска Америка – Бразил, Венецуела, Куба и Никарагва ги критикуваа израелските дејствија. Земјите од исламскиот свет, меѓу кои Турција, Саудиска Арабија, Египет и Пакистан, упатија слични реакции.






![ЦЕЛ АРСЕНАЛ: Полицијата изврши претрес во Батинци, погледнете што пронајде [ФОТО]](https://bulevar.com.mk/wp-content/uploads/2025/05/473995718_1308532236941904_2377622693071422955_n-424918.png)