По цели 11 години пауза во Армијата од денеска ќе започнат да функционираат 65 нови подофицери, обучувани од редот на професионалните војници во современа процедура и наставен план за обука. Свеченото промовирање го поздрави министерката Радмила Шекеринска која им честиташе на новите подофицери за успешно поминатата обука притоа истакнувајќи го значењето на подофицерскиот кор.
„Вие сте столбот на Армијата, лидери и учители на професионалните војници. Бидете пример во извршувањето на задачите. Вашата служба ќе остави силен печат врз професионалниот развој на Армијата“, рече Шекеринска на свеченоста во касарната „Илинден“.

Министерката изрази задоволство што почна пополнувањето на испразнетите 500 места за подофицерскиот кор. „Работевме напорно иако тоа не беше лесно, бројката на непополнети места од денес се намалува а со следната тура од 55 обучени подофицери која ќе излезе по три месеци, веќе ќе имаме 120 нови подофицери. Лично како министерка ќе се заложам секоја година да ја повторуваме оваа бројка за да можеме по три години да кажеме дека целосно сме го обновиле подофицерскиот кадар во Армијата“, истакна министерката.






