Педесет милиони евра што 156 компании ги платија по основ на солидарниот данок во 2023 година, државата мора да ги врати, откако Уставниот суд годинава го поништи законот како неуставен. Иако рокот за враќање е пет години, бизнис-секторот инсистира на побрза исплата.
Од Министерството за финансии велат дека се работи на модел и динамика за враќање на средствата, во континуирана комуникација со стопанството.
– Бараме модалитет и динамика за враќање на средствата – велат од Министерството, како одговор на барањата на деловната заедница исплатата да се изврши што поскоро.
Петгодишен рок, но компаниите прашуваат: Зошто толку долго?
Иако Уставниот суд и дозволи на државата рок од пет години за враќање на средствата, компаниите кои ја платија оваа давачка забележуваат на временскиот дисбаланс – тие имаа само неколку месеци да уплатат милионски износи.
На неодамнешната средба меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и Стопанската комора на Северна Македонија, токму ова прашање било во фокусот. Претседателот на Комората, Бранко Азески, укажа дека оваа асиметрија е нелогична и дека средствата треба да се вратат што побрзо.
„Ако се вратат сега, ќе се вратат и во буџетот“
Бизнис-заедницата има јасна позиција – побрзото враќање на парите ќе создаде позитивен економски ефект и за државата.
– Ако државата ги пушти овие 50 милиони евра во обрт сега, во наредните пет години тие ќе ѝ се вратат преку ДДВ, данок на добивка и придонеси. Се проценува дека годишно од тие пари ќе се вратат 8 до 12 милиони евра – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата.
Тој предупредува дека секое одложување ќе значи загуба, а не заштеда за државата.
„Големите фирми можат да издржат“? – Погрешна претпоставка
Бошков укажува на уште еден проблем – перцепцијата дека поголемите компании имаат доволно ликвидност, па можат да „издржат“ додека чекаат враќање на парите.
– Без оглед на големината, секој бизнис има потреба од свеж капитал. Без ликвидност нема инвестиции, нема развој. Ако државата ги врати парите навремено – тоа е во обострана корист – нагласува тој.
„Државата решава кога ќе ги врати средствата“
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека иако компаниите имаат право да бараат, последниот збор сепак го има државата.
– Како што донесе закон кој беше противуставен, така сега може и да одолговлекува со враќањето на парите. Бизнисот го знае тоа од искуство – истакнува Димитров.
Тој смета дека треба да се отвори и прашањето за одговорност на носителите на законот, кои – како што вели – знаеле дека тој може да биде укинат од Уставниот суд.
Што беше солидарниот данок?
Солидарниот данок беше воведен во 2023 година како еднократна, вонредна мерка. Со стапка од 30%, се применуваше на сите компании со приход над 10 милиони евра во 2022 година. Целта беше прибирање средства за антикризни мерки и поддршка на населението во време на инфлација и енергетска криза.
Законот предизвика бројни правни и економски реакции, а Уставниот суд го укина поради неговото ретроактивно дејство, кршење на принципот на правна сигурност и загрозување на конкурентноста на домашните компании.






