Се очекува Владата во четврток да го разгледа ребалансот на годинешниот буџет, по што документот ќе оди во собраниска расправа.
Министерката за финансии, Гордана Димитриоска Кочоска, денеска изјави дека ребалансот треба да се разгледува на владина седница најверојатно во четврток. Таа додаде дека клучните економски проекции, како што се бруто домашниот производ (БДП) и инфлацијата, остануваат непроменети.
„Генерално, остануваме на истите бројки што ги имавме од аспект на БДП и инфлација“, истакна Димитриоска Кочоска по презентацијата на Договорот за финансирање на заедничките активности, што беше организирана од Министерството за финансии и Канцеларијата на ООН во Скопје.






