Пари Сен Жермен со доминантна игра и убедлива победа од 4:0 над Атлетико Мадрид го отвори Светското клупско првенство кое се одржува во САД. Натпреварот од Групата Б се одигра во Пасадена, каде европскиот и францускиот шампион ја покажа целата своја моќ.
Фабијан Руиз (19’) го отвори резултатот со прецизен удар од работ на шеснаесетникот, откако му асистираше Квича Кваратшкелија. На самиот крај од првото полувреме (45+1’), Витиња го удвои водството на ПСЖ по уште една одлична акција и нова асистенција од Грузиецот.
Атлетико Мадрид имаше своја шанса преку Хулијан Алварез, но неговиот погодок во 58. минута беше поништен по ВАР-интервенција. Дополнителен удар за шпанскиот клуб беше исклучувањето на Клемент Ленгле во 78. минута по два жолти картона.
Со играч повеќе, ПСЖ лесно го доврши противникот. Младиот Сени Мајулу (87’) постигна трет гол, а конечните 4:0 ги постави Ли Канг-Ин (90+4’) од пенал, по игра со рака на Ле Норман.
Во истиот ден, Баерн Минхен го разнесе Окленд Сити со 10:0 во натпревар од Групата Ц, што е највисока победа досега на турнирот.






