На автопатот Велес – Неготино, на 14 јуни 2025 година околу 19:30 часот, патничко возило „Фолксваген Поло“ со српски регистарски ознаки излетало од коловозот по клучката Велес, информираа од СВР Велес.
Возилото било управувано од 42-годишната Т.С. од Република Србија, која во несреќата се здобила со тешки телесни повреди. Таа била итно префрлена од Општата болница во Велес на понатамошно лекување во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Со телесни повреди се здобил и нејзиниот малолетен сопатник, исто така од Србија.
На местото на несреќата бил извршен увид од страна на екипа од СВР Велес, а причините за излетувањето на возилото се предмет на истрага.







