Став на ОМО „Илинден“ – Пирин
Додека Бугарија постојано ја обвинува Македонија за наводна репресија врз Бугарите, реалноста покажува сосема поинаква слика. Повторно се отвори прашањето за односите меѓу двете држави, откако Бугарија реагираше на пресудата против Љупчо Георгиевски, претседателот на клубот „Иван Михаилов“ – познат по иредентистички и про-фашистички ставови.
Реакциите од официјална Софија говорат за загриженост поради „репресија врз Бугарите“, но ваквите изјави се спротивни на фактичката состојба. Во Македонија, лицата со бугарска самосвест имаат пристап до политички, институционални и медиумски позиции. Во последните децении тие биле:
премиери, министри, амбасадори, директори; пратеници и лидери на политички партии; застапени во културниот и јавниот живот; регистрирале здруженија, имаат медиуми, присуствуваат во јавниот дискурс; редовно се попишуваат како Бугари; имаат целосна слобода на израз, сè додека не промовираат говор на омраза или негирање на македонскиот идентитет.
Истовремено, македонското малцинство во Бугарија е целосно непризнато. Македонците таму не можат:
да регистрираат здруженија; да се декларираат како Македонци на попис; да имаат свое политичко претставување; да го користат својот јазик или да имаат културни програми; да гледаат македонски медиуми; а македонската нација, јазик, црква и култура се негирани од официјалните институции во Софија.
Бугарија двапати стави вето на македонските евроинтеграции, условувајќи ја Македонија со прифаќање на историски и идентитетски наратив кој ја понижува македонската нација.
И додека Бугарија говорот на омраза кон Македонците го институционализира, го негира постоењето на македонско малцинство, и го гуши секој обид за самоидентификација – таа истовремено ја обвинува Македонија за „репресија“ само затоа што судството реагира кога се шират фашистички пораки.
Време е за реципрочност и еднаков третман. Добрососедството мора да се гради на почитување, а не на негирање и уцени. Македонците во Бугарија имаат исто право на постоење и достоинство, како и секое друго малцинство во Европа.








