Ганка Цветанова, професорка и поранешна министерка култура во Владата на Љупчо Георгиевски, вчера се огласи преку Твитер со индиректна порака до министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева, која побара бугарски културен центар во Македонија.
„Кажете и на Захариева дека во Македонија постои бугарски културен центар отворен како резултат на Договорот за културна соработка меѓу Македонија и Бугарија, потпишан во 2002 година, од моја страна, како министер за култура, и тогашниот бугарски министер за надворешни работи Соломон Паси.
За програмата и работата на бугарскиот културен центар и колку истиот успеал да им ја претстави и доближи бугарската култура на македонските граѓани, одговорноста во целост ја сноси бугарската дипломатија и надворешната политика“, напиша Ганка Цветанова на Твитер.
Ова следува откако бугарската шефица на дипломатијата изјави дека Бугарија не може да се меша во воведувањето на српскиот јазик и нивниот културен центар во земјава, но исто така дека сака во Македонија да има и бугарски културен центар.







