Македонската православна црква – Охридска архиепископија денеска во 10 часот ќе одржи синодска седница на која ќе се разгледува изборот на нов митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
Оваа епархија е без архиереј од ноември минатата година, кога на 73-годишна возраст, по кратко боледување, почина досегашниот митрополит Тимотеј.
Како засега единствен познат кандидат за оваа висока црковна должност се споменува јеромонахот Георгиј, кој неодамна, на празникот Педесетница, беше произведен за игумен. Свеченоста се одржа во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а чинот го изврши лично архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Очекувањата се дека на денешната седница Синодот ќе донесе конечна одлука за идното раководство на епархијата, која во изминатите децении ја предводеше митрополитот Тимотеј.







