Пред 149 години на денешен ден 04.02.1872 – Во Кукуш, Егејска Македонија, е роден Гоце Делчев, прв меѓу првите револуционерни синови на македонскиот народ, македонскиот идеолог на револуционерната борба за слободна Македонија!
„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себеси и другите“, гласи една од пораките на великанот.

Гоцевата визија за светот како поле за културен натпревар меѓу народите не е само негова лична импресија, туку експресија на генетскиот код на македонската цивилизација како цивилизација на мирот и љубовта наспроти омразата и војната, на толеранцијата и коегзистенцијата наспроти дискриминацијата и сегрегацијата.

Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја НО борба на македонскиот народ, тој ја обиколи цела Македонија. Непријателите на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледаа најголем непријател и се обидуваа на секој начин да го ликвидираат.
Така, на 4 -ти мај 1903 година, во борба против османлиската војска во селото Баница, Серско, во егејскиот дел на Македонија, бил убиен великанот Гоце Делчев, во пресрет на подготовките за Илинденското востание.
Годинава, третпат, Македонците ќе го одбележат роденденот на Делчев со придавката „северна“ пред името на Македонија, за која апостолот се жртвувал и со одвратни политички пазарења за тоа колку Македонецот Гоце Делчев бил Македонец и колку проценти треба да припаѓа на бугарската историја.






