Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во среда ќе ја посети Украина, што ќе биде прва посета на српски државник откако во февруари 2022 година започна војната во Украина. Ова го соопшти српското претседателство.
„Претседателот на Република Србија ќе ја посети Украина на 11 јуни, каде ќе учествува на самитот Украина-Југоисточна Европа“, се наведува во соопштението.
До сега, ниту еден српски државник не ја посетил Украина откако Русија ја започна војната.
Посетата следува само неколку дена по сериозните обвинувања од Русија, која ги обвини српските компании за производство на оружје дека „пукаат во грб на Москва“ преку продажба на муниција на украинската страна. Иако присуството на српска муниција во Украина не е јавно потврдено, ниту целосно демантирано, ова предизвика дополнителна тензија.
Во меѓувреме, Вучиќ продолжува да балансира помеѓу историските односи со Русија и желбата за интеграција во Европската Унија. Пред неколку недели тој беше на Црвениот плоштад во Москва, каде учествуваше во прославата на 80-годишнината од поразот на нацистичка Германија.
Србија традиционално одржува блиски врски со Русија и има негативен став кон НАТО, поради бомбардирањето на Србија во 1999 година за време на конфликтот во Косово. И покрај притисокот од Европската Унија, Белград одбива да го прекине соработката со Москва и не воведе санкции против Русија, иако гласаше против воениот конфликт во резолуциите на ОН.
Дополнително, Србија е значајно зависна од Русија за снабдување со гас, кој го добива по поволни услови, што ја прави улогата на Москва особено важна во енергетскиот сектор на земјата.






